08 Јуни, 2025
0.0280

Сите се фатиле за Трамп

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2025 13:48

Добивај вести на Viber

Поминаа преговорите на Русите и Украинците во Истанбул. Помина и телефонскиот разговор на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин. Помина и разговорот на Трамп со украинскиот претседател, Владимир Зеленски и со европските лидери на кои ги извести за неговиот разговор со Путин. Се’ помина, како што беше најавено, но дојде нова ескалација меѓу Русија и Украина. Деновиве сме сведоци за напади со стотици беспилотни летала во една или друга насока. Напади со ракети, а се разбира и со вести за жртви на обете страни.

Што беше главно од сите тие преговори и разговори? Русија и Украина вчера ја завршија размената на по 1.000 заробеници од обете страни. Останува да се чека најавената нова средба. Во меѓувреме и Русија и Украина подготвуваат свои меморандуми за тоа како ја гледаат иднината за постигнување мир. Главно беше и известувањето на европските лидери и Зеленски од страна на Трамп, дека Русија нема намера да ги прекине воените дејства. Се’ додека не се постигне договор за траен мир. Трамп мисли дека Путин смета оти има предност во конфликтот во Украина. Трамп истовремено  пред западните лидери нагласи дека не сака да ги засилува санкциите кон Русија.

Сето погоре практично значи дека прекин на огнот во догледно време ќе нема.  Минатата недела веќе пишувавме дека, во крајна линија, европските ментори и Зеленски сакаа да пропаднат преговорите, за потоа да ја обвинат Русија и да ја накодошат кај Трамп. Таа не сака преговори, ниту мир. Па, американскиот претседател да го гледа виновникот во Русија, да се налути и да преземе соодветни мерки. Да ја казни Русија. Но, Трамп го поддржа Путин и преговорите се одржаа.  Инаку токму украинскиот претседател не сакаше преговори за примирје пред два месеца, но под притисок на САД, за да се обнови укинатата помош се согласи. Сметајќи дека Путин ќе се откаже од преговори за примирје.

И сега, додека ќе се чека да помине „догледното време“, сите се свртени кон САД, поточно Доналд Трамп. На Запад бараат Трамп да ја поддржи нивната стратегија за Украина. Уште пари и оружје за Украина од САД и Европа, потоа уништувачки санкции кон Русија. На пример сенаторот Линдзи Грем предложи царини од 500 проценти за земјите кои ќе купуваат руска нафта. Тоа главно се Кина и Индија. А Трамп само што успеа да се договори со Кина за царините, откако виде  дека не може на таа држава да и се воведат царини од над 150 проценти. Исто и со Индија. Така што оваа закана нема да вроди со плод. Згора на тоа Русија и при сегашните  и новиот 17-ти пакет европски санкции, вели дека се научила да излегува на крај со нив. Па така тешко може да се забрза кризата на руската економија. Но на долг рок санкциите секако ќе покажат свое влијание.

ЧИЈА Е ВОЈНАТА?

На Запад го обвинуваат Трамп дека постојано вели дека војната во Украина не е негова. Дека е на Бајден. И дека тој сака да стави крај на борбите за да нема илјадници жртви неделно. Како одговор на ова некои аналитичари сметаат дека Трамп не може да ги „мие рацете“. Но Трамп и не ги мие рацете. Војната не е негова. Таа е на Џо Бајден. И само тој може да биде Понтије Пилат. Иако сега, кога се јавија нови податоци од бајденовото медицинско досие и книги, многумина се прашуваат, кој ја водел Америка изминатите години? Бајден, неговата сопруга или некои трети? Може да се случи војната во Украина навистина и да не е на Бајден. Во Америка веќе бараат одговор на тоа прашање. Излезе и книга – „Изворниот грев“. Синоќа „Њујорк Пост“ објави дека „„Мала, тесно поврзана група во внатрешниот круг на поранешниот претседател Џо Бајден ја водеше Белата куќа како „политбиро“ и тие беа „врвните носители на одлуки“, додека здравјето и когнитивната функција на Бајден продолжуваа да се влошуваат, според авторите на новата, бомбастична книга. Оваа група, наречена „политбиро“, вклучуваше група искусни политички ветерани, вклучувајќи ги Мајк Донилон, Стив Рикети и Брус Рид - но и членови на семејството како што се првата дама Џил Бајден и синот на претседателот Хантер, тврдат авторите на „Изворниот грев““, пишува весникот.

А во Европа, „партијата на војната“ се подготвува за продолжување на борбите во Украина. По секоја цена. Велат ако САД не даваат оружје за Украина, тогаш ние ќе го купуваме за неа од Американците. Како кој знае колку пари да има Европа. Тоа ќе се види кога ќе треба да се стави рака во државниот џеб и да се извлечат пари од таму. Не секоја европска држава ќе го направи тоа. Но што ќе прави Европа со американските разузнавачки податоци? Ако Трамп се повлече целосно од Украина, тогаш Европа не ќе може да ги надомести нив. А ако ги сакаат податоците, тогаш ќе мора да подговорат на некои барања на Трамп.

Во Европа се заговара да не се стави крај на војната во Украина, се’ додека не зајакнат воените капацитети на борбено настроените држави. Ставот дека не треба да се прекине војната е поткрепен со тврдења дека Русија, ако наскоро заврши војната, ќе може да нападне некоја од европските држави. Во моментов речиси сите тие се членки на НАТО. Тешко дека Русија во сегашната ситуација би удрила врз некој од тие држави. Па и нека се балтичките држави. Кои се мали и тешко можат да се одбранат. Русија може да мисли на балтичките држави, но најнапред таа ќе бара да се почитуваат човековите права на Русите и рускојазичното население во тие земји. Онака како што се почитуваат во Европа. Во некои од нив бројноста на тоа население е околу 30 проценти. Па затоа „јастребите“ од Европа велат подобро е војната да продолжи, Русија воено и економски да се исцрпи, па ако нападне да добие соодветен одговор.

Разни разузнавaчи сметаат дека и да дојде до крај на војната во Украина, мирот нема да трае долго. Па се вели дека постојат тајни документи, извештаи, кои ги откриваат руските планови. „Политико“ пишува дека на Путин не може да му се верува, повикувајќи се на Питер Рисинк, директор на холандската воено разузнавачка агенција. Тој предвидува дека Русија би можела да биде подготвена да влезе во уште еден голем конфликт веднаш по склучувањето на каков било можен мировен договор со Украина. Рисинк, вели дека Москва ќе може брзо да ја обнови својата војска, ако и кога ќе се постигне мир во војната во Украина. „Русија произведува многу повеќе артилерија, вклучително и со помош на други земји, отколку што ѝ е потребно за војна со Украина“, објасни Рисинк за „Политико“. Тој вели дека Москва не само што ги надополнува исцрпените залихи што ги користеше за време на тековната војна во Украина, туку и преместува нови единици кон источните граници на НАТО во близина на балтичките држави и Финска.

НИШТО „ЗА УКРАИНА, БЕЗ УКРАИНА“

Тоа не беше случај додека Финска не беше членка на НАТО. Русија немаше ни воена област на таа граница. Но се закани дека ќе ја  врати по одлуката на Финска. И тоа го прави. „За нас, ова е знак дека тие градат капацитети“, рече Рисинк. Според него, сепак, Русија ќе биде подготвена повторно да влезе во војна, само ако Москва ја задржи својата неодамнешна желба за борба и ако земјата го одржи сегашното ниво на воено производство. Вицеадмиралот Рисинк, исто така, ги смета САД за растечка закана за неговата земја и европскиот континент, наведувајќи ја консолидацијата на политичката моќ на претседателот Доналд Трамп над американските разузнавачки агенции како посебен проблем. Па оттука Европа можеби ќе мора да го преиспита својот однос со американските разузнавачки служби. Со други зборови Трамп, треба да олабави со контролата врз службите. Што ќе биде тешко изводливо.

Украинците бараат од Трамп да не решава ништо „за Украина, без Украина“. Зеленски сака да го убеди Трамп да го промени форматот на преговори. Нему му е јасно дека очи во очи со Путин тој тешко би можел да постигне нешто. Па затоа сака на преговорите да бидат лидери од Русија и Украина, да биде Трамп, да бидат советници од национални безбедносни агенции и Велика Британија. Во најмала рака Меѓународна конференција за мир во Украина. Или по старо конгрес. Оваа е тешко остварливо, зашто Трамп му рече на Зеленски да разговара со Путин. Освен, ако не се случи нешто во иднина. На пример, Трамп да се премисли, што му е и обичај. Барањата од Украина до Трамп се САД сепак да ги заострат санкциите кон Русија и да ја зголемат воената поддршка на Киев. За што во американскиот конгрес има поддршки. Има договор Европа и Украина заеднички да лобираат во Конгресот, меѓу сенаторите и конгресмените, за Украинците. Ако ова не се оствари,тогаш Украинците би биле задоволни и со зачувување на воената поддршка на сегашно ниво. Треба да се има предвид дека помошта доделена од Џо Бајден пресушува кон крајот на јуни.

Русите пак, засега се во полагодна ситуација. Барем на прв поглед. Тие од Трамп бараат нормализирање на меѓусебните односи. Тие се за сочувување на дијалогот со САД. Во спротивно може да ги засегне засилувањето на санкциите и проширувањето на воената помош на Украина. Сите велат дека сега иницијативата на фронтот ја имаат Русите. Притоа американското оружје, нормално, се испорачува на Украина. Но сепак прекинувањето на воената помош на Украина би било добредојдено за Русите. И конечно тие би биле најзадоволни ако Трамп ги притисне Европа и Украина да ги прифатат клучните барања за завршување на војната.

ИНТЕРЕС

Многу, многу барања до Трамп од сите страни. Се чини дека тој ќе се приклучи кон онаа, која ќе има успеси на воен план. Тој еднаш изјави дека Украина не може да ја победи Русија. Но, со тоа не се согласуваат европските „јастреби“. Во таков случај, кога Европа и Украина ќе играат со воена карта, а  Путин не попушта, Трамп најави дека може да крене раце од се’. И ќе ги остави Европа и Украина да се борат со Русија. Тоа како варијанта го потврдуваа и државниот секретар Марко Рубио и потпретседател Џеј ди Венс. Повлекувањето не е стил на Трамп, особено кога знае дека е силен и има адути во своите раце. Овде не се работи за царини, па ајде еднаш 154 проценти за Кина, па преговори, па намалување. Кај царините јасно видлив е интересот, па може и да се пресмета. Околу војната во Украина има многу непознати работи. И таму ќе доминира интересот. Прашање е дали ќе се направи рамнотежа меѓу интересите на САД и Русија. И колку ќе се почитува интересот на Украина. 

Инаку, во Ријад, на првата средба на американската и руската делегација што ги предводеа Рубио и Сергеј Лавров,  станало збор и за националните интереси. Лавров, пренесувајќи го Рубио, рече дека САД го почитуваат фактот дека секоја земја има свои национални интереси, особено кога станува збор за големи сили.

Оттука Лавров извлекува два заклучока. Прво. Националните интереси на кои било две држави, а особено на две големи сили, никогаш нема целосно да се совпаднат. Покрај тоа, во повеќето случаи тие нема да се совпаѓаат. Но, кога тие се совпаѓаат, би било колосална грешка да не се искористи оваа околност за да се помести ситуацијата во насока на заеднички, меѓусебно корисни материјални проекти во сферата на економијата, технологијата итн.

Втор заклучок. Кога овие интереси не се совпаѓаат, туку се судираат, должност и одговорност на засегнатите сили е да спречат овој судир да се развие во конфронтација, особено во жестока. „Кога гледам што се случува во реалниот живот, чувствувам дека во оваа фаза администрацијата на Трамп се однесува токму вака“, рече Лаврoв, додавајќи дека „ова е значајна промена во политиката на Вашингтон во споредба со демократските администрации“.

Останува прашањето дали ќе се совпаднат интересите на двете големи сили околу Украина. Но и на интересите на САД со интересите на Украина и спонзорите од Европа околу Русија. И воопшто чии интереси ќе надвладеат.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Удар врз Русија во предвечерието на преговорите со Украина

Удар врз Русија во предвечерието на преговорите со Украина

OSZAR »